Музичката програма на „Охридско лето“ продолжува со вечерашниот концерт на тенорот Алесандро Фантони, во пијано-придружба на маестро Џорџо Мартано. Концертот ќе се одржи во прекрасната акустика на катедралната црква „Света Софија“ со почеток во стандардниот фестивалски термин од 21 часот.
Алесандро Фантони е роден во Џенова, студирал на Академијата за опера при операта во Цирих, Швајцарија, а се усовршувал со Роберто Сервиле. Во изминатите сезони настапувал во Куќата на музиката во Москва, во театарот „Карло Феличе“ во Џенова, во „Арена ди Верона“ и во театарот „Сан Карло“.
Џорџо Мартано е пијанист и чембалист. Студирал и дипломирал во Италија, а за време на студиите се стекнал со искуство како корепетитор на соло пејачи со особен афинитет кон лирскиот репертоар. Како репетитор се здобил со диплома од Академијата на Миланската скала, каде што корепетира и работи на проби како музички асистент на повеќе продукции, а соработува и со балетскиот ансамбл како музички соработник.