Овој петок во 20 часот Оркестарот на Филхармонијата ќе го одржи концертот „Мастерклас со Лајовиц“ на кој како солист ќе настапи македонскиот виолончелист Паскал Краповски. На програмата се дела од Росини, Хајдн и Дворжак.
Концертот ќе го водат млади диригенти кои ќе учествуваат на мастеркласот што ќе го води познатиот словенечки маестро Урош Лајовиц. Тие оваа недела работат со Оркестарот на Филхармонијата, а најдобрите ќе го водат концертот в петок.
Урош Лајовиц работи во Словенечката филхармонија, прво како помошник-диригент, а од 1978 година како постојан диригент. За време на над четириесетгодишната кариера одржал над 1400 концерти, диригирал со повеќе од 90 различни симфониски оркестри и ансамбли и соработувал со над 900 солисти.
Професионалниот ангажман на Паскал Краповски како водач виолончелист при Филхармонијата му овозможува активно да се занимава и со камерното музицирање како член на триото „Парнасус“ и на „Music Progressive Quartet“. Покрај изведувачката дејност, активно се занимава со педагошка и со истражувачка дејност.