– Mладоста е нашата радост, нашата сила. Чиста енергија која го полни човештвото со оптимизам, со борбеност и со верба. Mладите се движечката сила на секое општество, а еден од приоритетните столбови на Министерството за култура се токму младите. Тие имаат право да ја добијат својата шанса и довербата од системот. Ние сме силно уверени дека младите се решение за нова, модерна реалност на нашата земја – рече министерката за култура Ирена Стефоска во Кичево на отворањето на изложбата на дела од Младинската керамичка работилница.
Министерката Стефоска, на младите учесници на работилницата одржана кон крајот на август во Вранештица, им пожела нивната мисија да се шири и постојано да бележат добри резултати. Таа посочи дека соработката што ја негуваат со Средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ од Скопје, со гимназиите од Кичево: „Мирко Милески“ и „Дрита“, е пример за тоа како треба да изгледа нашата сегашност и уште повеќе нашата иднина.
На отворањето, директорот на Центарот за култура, Мазлам Османи, им се заблагодари за присуството на менторите, учениците и мајсторот Слободан, во чија работилница се создаваа нови креации од глина.
Во рамките на изложбата, а по повод сто години од раѓањето на Блаже Конески, се одржа и поетско-музичка вечер. Програмата ја реализираа ученици од ОСУ „Мирко Милески“ – Кичево.