Во галеријата на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ утре (5 ноември) ќе биде отворена изложба на илустрации за јубилејната книга „Блаже Конески – поезија и кратка проза“.
Со реализацијата на оваа изложба, ФЛУ се приклучува кон чествувањето на 100-годишнината од раѓањето на великанот на македонската култура Блаже Конески.
На изложбата ќе учествуваат авторите што се пријавија на јавниот конкурс за изработка на илустрации: Гоце Илиевски, Владимир Илиевски, Марија Конеска, Филип Велковски, Елена Ѓорѓиевска, Иван Коминовски – кои се претставуваат со три илустрации, и наградената авторка Илиана Петрушевска – која се претставува со десет илустрации.
Од Факултетот информираат дека ќе бидат застапени дигитални ликовни решенија, како и традиционални ликовни техники.
Конкурсот и изложбата се реализирани со поддршка од Министерството за култура.