Ин меморијам: Почина филологот, книжевен научник и професор Атанас Вангелов

од admin_kult

На 74-годишна возраст почина филологот, книжевен научник и професор д-р Атанас Вангелов.

Министерката за култура Ирена Стефоска упати телеграма со сочувство до семејството на д-р Атанас Вангелов.

„Од македонската културна сцена замина сестрана личност, книжевен научник со врвна посветеност, чиј влог во афирмацијата на македонскиот јазик и култура ќе остане како трајна вредност за идните генерации. Неговото име во нашата културна историја ќе биде вечно врзано со темелните научни истражувања за монументалната уметничка и научна мисла на Блаже Конески. Особно што, во годината кога славиме 100 години од раѓањето на втемелувачот и еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик, Вангелов ни подари бесценети студии, кои остануваат во трајно наследство на македонската култура“, стои во телеграмата со сочувство.

Вангелов е роден во Богданци на 6 февруари 1946 година. Завршил Филолошки факултет во Скопје каде што и докторирал на темата „Семантичките фигури во македонската народна лирика“.

Бил истакнат општественик, амбасадор на Република Македонија во Република Унгарија, пратеник во Собранието на Република Македонија, пратеник во Советот на Европа, директор на Државниот архив на Македонија.

Бил декан и продекан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, раководител и долгогодишен универзитетски професор по предметот „Теорија на книжевност“ на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Бил лектор и наставник по македонски јазик и литература на ИНАЛКО при Универзитетот „Сорбона“ во Париз.

Бил претседател на Советот на „Струшките вечери на поезијата“ и член на Друштвото на писателите на Македонија.

Автор е на многубројни книги, меѓу кои и на последните изданија: Лирската биографија на Конески (студија, 2020) и Филолошката критика на Конески (студија, 2021).

Добитник е на наградите: „Млад борец“, „Браќа Миладиновци“, „Божидар Настев“, „Димитар Митрев“, „Златно перо“, „Григор Прличев“, „11 Октомври”.

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе