IN MEMORIAM: Почина Благој Стефановски – Баге, поранешен министер за култура

од admin_kult

Поранешниот министер за култура, една од значајните личности на македонската култура идолгогодишен прв човек на Битолскиот театар и актер во пензија, Благој Стефановски-Баге,почина вчера на 67-годишна возраст во Битола.

Министерката за култура Ирена Стефоска упати телеграма со сочувство до семејството на Благој Стефановски-Баге.

„Благој Стефановски-Баге беше еден од најстрасните театарски работници во земјава, искрен вљубеник и борец за доброто на културата во земјава, во регионот и во Европа. Како директор на Битолскиот театар, и на многу други позиции во културата, како пратеник и министер за култура, а, пред сè, како човек, остави трајни вредности како влог за сегашните и за идните генерации. Сиве овие години живееше за културата, за и со театарот, неуморно работејќи  на  развојот на Битолскиот народен театар, но и на театарската уметност во земјава“, стои во телеграмата со сочувство.

Стефановски беше личност зад која стои богата професионална кариера поврзана со културниот и општествениот живот во државава. Дипломирал на Високата музичка школа во Скопје, на Отсекот за драмски актери. Од 1975 до1980 година бил директор на Битолскиот народен театар, бил претседател и селекторна драмската програма на Фестивалот „Охридско лето” и претседател на Фестивалот „Војдан Чернодрински”.

Благој Стефановски од 1994 до 1998 беше пратеник и претседател на Одборот  за култура во Собранието на РМ, а од  2002 до 2006 година и министер за култура. По завршувањето на министерскиот мандат, го оформи Мал драмски театар – Битола и работеше на независната сцена. Во текот на неговата плодна кариера, добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои и наградата „4 Ноември” за животно дело, на Општина Битола.

 

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на Р.С.Македонија користи т.н."колачиња" со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе