IN MEMORIAM: Љупчо Петрушевски (1945 – 2020)

од admin_kult

Денеска, ненадејно, на 75-годишна возраст, почина Љупчо Петрушевски, доајен на македонскиот театар и долгогодишен директор на МНТ и на Националната опера и балет.

По тој повод, министерката за култура испрати телеграма со сочувство во која, меѓу другото, стои: „ Од мое лично име, и од името на Министерството за култура, испраќам длабоко сочувство до семејството и до колективот на МНТ за загубата на еден од доајените на македонскиот театар, кој со својата посветеност, знаење, љубов кон театарот остави длабоки темелни вредности во институцијата на МНТ и во театарскиот и филмскиот живот во земјава.

Маркантната појава на Петрушевски и неговата страст како директор и актер остануваат запишани во аналите на македонскиот театар како стамена одредница на неговото време и како пример за грижа и афирмација на македонската култура.

Слава му!“

Петрушевски беше дипломиран актер, но останува запаметен како директор на Драмата на МНТ и на МНТ, подоцна и на МОБ.

Како што велат од МНТ, Петрушевски беше неразделен дел од театарот и по пензионирањето беше верен поддржувач и гледач на претставите на колегите. Секогаш ќе остане запомнет по маркантниот став и секогаш кога ќе се појавеше привлекуваше внимание и посветеност.

Покрај менаџерската функција, не помалку се значајни улогите што ги одигра Петрушевски на сцената на МНТ. Неговата прва улога е во „Случајот во Виши“ (1967). Препознатлив е по улогата на Хоакин Муриета, главниот лик во „Славата и смртта на Хоакин Муриета“ (1976). Некои од позначајните улоги му се: Михаил Антонов во „Macedonishe Zustande“ (Мацедонише Цуштенде) (1984), Витезот од Рипафрата во „Мирандолина“ (1985), Виќа во „Сомнително лице“ (1982), Пјер во „Граѓанинот благородник“ (1982), Владимир во „Габи“ (1982), Луков во „Житолуб“ (1981), Ѓорѓија во „Милион маченици“ (1980), Непознатиот во „Сојтарии“ (1979), Чорниј Вашил во „Кенгурски скок“ (1979), Пуба Фабрициј Глембај во „Господа Глембаеви“.

Петрушевски ќе остане запомнет и препознатлив и по филмските и телевизиските улоги, и тоа во: „Скопски сновиденија“ (1988), „Ѕвездите на 42-та“ (1987), „Климент Охридски“ (1986), „Сомнително лице“ (1985), „Трговецот од Солун“ (1985), „Од зад грб“ (1985), „Нели ти реков“ (1984), „Лет во место“ (1984), „Слана во цутот на бадемите“ (1983), „Записник“ (1983), „Илинден“ (1982), „Јужна патека“ (1982), „Едно лето“ (1982), „Наши години“ (1979), „Сослушувањето на железничарот“ (1976), „Прва вечер“ (1975), „Вујковиот сон“ (1970) и „Маљва“ (1969).

 

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на Р.С.Македонија користи т.н."колачиња" со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе