НУ Завод и музеј – Охрид информира дека се завршени конзервацијата и реставрацијата на куполата и на покривната покривка на црквата „Св. Богородица Захумска“ која датира од 1361 година. Со тоа се обезбедени основните предуслови за заштита од атмосферските влијанија и појава на влага во самата црква која влијае деструктивно врз архитектурата и ѕидното сликарство. Во тек се и подготвителните работи за почнување на активностите за статичко зацврстување на црквата, со што ќе се обезбеди целосна заштита на овој средновековен архитектонски бисер.
Проектот е финансиран од Министерството за култура, а се изведува под раководство на Ристо Петковски, советник конзерватор од НУ Завод и музеј – Штип, и под стручен надзор на Тања Паскали, советник конзерватор од НУ Завод и музеј – Охрид.