Државниот секретар Азири се сретна со својата колешка од Романија, Оана Урсаке

од admin_kult

Во просториите на Министерството за култура на Република Северна Македонија денеска (21 јули) државниот секретар, Валмир Азири, оствари работна средба со делегација од Романија предводена од државниот секретар во романската Влада, Оана Урсаке.

На средбата, државниот секретар Азири изрази задоволство од посетата на романската делегација која, како што истакна, претставува одлична можност за иницирање заеднички проекти преку кои би се унапредила и продлабочила соработката во областа на културата.

Во тој контекст се разговараше околу можноста за потпишување Програма за соработка во областа на културата меѓу Министерството за култура на Република Северна Македонија и Министерството за култура на Романија преку која ќе се создадат поволни услови за активна и директна соработка меѓу институциите во сите сегменти од областа на културата, уметноста и заштитата и промоцијата на културното наследство.

Државната секретарка Урсаке истакна дека Романија е голем поддржувач на Република Северна Македонија во нејзините интегративни процеси и истовремено го изрази интересот за отворање романски центар за информирање, кој ќе претставува врска за поврзување и информирање на романското малцинство што живее во Република Северна Македонија.

На крајот од средбата двете страни се согласија дека секоја култура и националност на европскиот континент претставува дел од мозаикот на европските вредности.

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе