НУ Театар Комедија заедно со Општина Аеродром го реализираат во континуитет Фестивалот на комедијата ,,Гола месечина“. На последното издание на Фестивалот (септември 2019) за прв пат беше воведена и наградата за животно дело ,,Анче Џамбазова“, во чест на една од најголемите наши актерки, која важеше и за мајстор на комедијата. Управата на театарот и Општина Аеродром, донесоа одлука да биде снимен и документарен филм за Анче Џамбазова, кој имаше своја премиера во рамките на ,,Гола месечина 2019“.
Во согласност на препораките на Владата на Северна Македонија во време на коронавирост и апелот, граѓаните што е можно помалку да излегуваат од своите домови, Општина Аеродром и Театар Комедија одлучија документарниот филм за Џамбазова да биде прикажан и пред пошироката јавност, односно да биде емитуван онлајн на 4 април, сабота, со почеток во 20 часот на Јутјуб каналот на кој се емитуваат претставите на Театар Комедија.
Филмот е финансиски поддржан од средствата наменети за одржување на Фестивалот, од Општина Аеродром.
Режисер на документарниот филм е Миле Гроздановски, а сценарист и асистент на режија е Гоце Трајковски.