Филмовите „ДЈ Ахмет“ на режисерот Ѓорги Унковски во продукција на „Футура синема“ и „Потстанар“ на Марко Ѓоковиќ во продукција на „Сектор филм“ се финансирани со по 23,5 милиони денари од Агенцијата за филм. Се работи за долгометражни играни филмови со македонски мнозински удел.
Исто така, поддршка добија и три долгометражни филмови со македонски малцински удел и исто толку долгометражни документарни филмови со македонски мнозински удел, но и девет краткометражни играни филмови. За овие проекти се издвоени вкупно 75,7 милиони денари.
Резултатите се од конкурсот објавен во август минатата година, на кој аплицираа вкупно 51 проект, од кои: 33 долгометражни (играни, документарни и анимирани) и 18 краткометражни (играни, документарни и анимирани) филмови.
На овој конкурс се одлучуваше и за поддршка на домашните филмските фестивали, а ќе бидат реализирани 20 фестивали, меѓу кои се: ИФФК „Браќа Манаки“, „ЕХО Фестивал на планински филм“, „Синедејс“, „ОДА Тетова итернатионал филм фестивал“, „Филозофски филмски фестивал“, „47. Државен фестивал на непрофесионален филм“, „Џифони Македонија“, „Македокс“, „Златно тркало“ и други.
До крајот на месецов завршува рокот за аплицирање на мартовскиот конкурс за поддршка на проекти.