Дебата „Предизвици за родовата рамноправност при донесувањето одлуки“

од admin_kult

Министерката за култура Ирена Стефоска денеска учествуваше на министерската онлајн дебата „Предизвици за родовата рамноправност при донесувањето одлуки“, со која заврши кампањата „Месец на родова рамноправност во донесувањето одлуки“.

На конференцијата, покрај министерката Стефоска, свои размислувања на темата презентираа и министерките Шеќеринска, Цароска и Шахпаска, како и заменик министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски. Дебатата ја отвори амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на ЕУ во нашата земја.

Министерката Стефоска истакна дека воведувањето на попрецизна родова статистика во културата е една од целите во Предлог-националната стратегија за родова еднаквост за периодот 2021 – 2026 година, којашто е во фаза на донесување.

„За таа цел, Министерството за култура, во октомври 2020 година во конкурсните формулари на дејностите кои се финансираат со Годишните конкурси за проекти од национален интерес во културата за 2021 година, воведе графа во која подносителот на проектите треба да наведе број на мажи и жени кои аплицираат, како и за учесниците/авторите во проектите. Точната анализа на овие податоци ќе не насочи кон попрецизно планирање на родово сензитивните програми во иднина“, рече Стефоска.

Во однос на прашањето кој пол преовладува на директорските позиции на културно – уметничките институции во нашата земја, Стефоска нагласи дека, според податоците што се доставени при изработката на Националната стратегија за родова еднаквост, во 65 национални установи од културата – околу 40 % се  жени.

„Секако дека треба да се стремиме кон постигнување целосна еднаквост, и тоа со достигнување на најмалку 50 % жени на раководни позиции, но, секако, тука влегува и прашањето на квалитетот и компетентноста на одбраните именувани лица“, рече Стефоска.

Кампањата „Месец на родова рамноправност во донесувањето одлуки“ се одвиваше во период од 8 март до 8 април во рамките на проектот „Низ женски леќи: покревање на политики и буџетски иницијативи, следење на спроведувањето на локалните акциски планови за родова еднаквост“ финансиран од Европската Унија и имплементиран во 17 општини.  Проектни партнери кои го имплементираа проектот се: Центар за истражување и креирање политики, Новинари за човекови права, Рурална коалиција, Ромска асоцијација за жени и млади ,,Лулуди” и ЕХО – Штип.

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе