Археолошки ископувања на локалитетот „Стакина Чешма – Бакновка, Валандово“

од admin_kult

Во завршна фаза се археолошките истражувања на локалитетот „Стакина Чешма – Бакновка, Валандово“, кои, со поддршка од Министерството за култура, се реализираа и во текот на пролетта.

Од Археолошкиот музеј информираат дека сегашната фаза опфаќа геофизички истражувања на поширокиот простор на локалитетот со цел да се утврди дали има архитектонски остатоци во пошироката околина на веќе познатиот и истражуван доцноантички објект – палата со раскошни мозаици. Геофизичките истражувања ги изведува кустосот Радомир Ивановиќ и досега се истражени 10 простории.

Античкиот локалитет „Стакина Чешма“ во Валандово е уникатен и препознатлив по своите впечатливи подни мозаици. Овој локалитет е евидентиран во седумдесеттите и осумдесеттите години и континуирано се истражува уште од 1987 година, под раководство на Мила Шурбановска.

Од оваа Национална установа појаснуваат дека објектот работно се нарекува Римски домус и во изминатите 34 години на овој локалитет се истражени осум простории со подни мозаици со различна техника на изработка и еден базен со полукружна форма. Оттаму додаваат дека во изминатиот период беше изработен и 3Д-модел од овој археолошки локалитет преку кој пошироката јавност може да добие поцелосна слика за тоа како изгледала луксузната вила. 3Д-моделот е изработен од д-р Христијан Талески од ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп, за потребите на годинешниот проект на Археолошкиот музеј – ,,Археолошки истражувања на локалитетот Стакина Чешма”. Овој 3Д-модел ќе биде надополнуван со новите сознанија што ќе ги добиваат стручните екипи во иднина.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе