Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска оствари средба со префектот на округот Корча, Нерти Јоли, со кого разговараше за соработката меѓу Северна Македонија и Албанија во областа на културата, за досегашната реализација на проектите и можноста за нови.
„Имаме одлична соработка и секоја укажана можност ја користиме за продлабочување на пријателските врски меѓу двете држави. Традиционално добрите односи со Албанија дополнително ги зајакнуваме со прекуграничната соработка, како најдобар европски модел за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните“, изјави Костадиновска-Стојчевска.
Префектот на округот Корча, Нерти Јоли, на средбата рече дека преку сериозна и темелна соработка меѓу двете држави, важни проекти и иницијативи се реализирани во културата, инфраструктурата и туризмот, изразувајќи интерес за партнерство во идните проекти.
Костадиновска-Стојчевска и Јоли се согласија дека Пустец е посебен за двете држави и дека со унапредување на соработката, не само во областа на културата, ќе може да се направи многу повеќе за граѓаните од двете страни на границата.
Министерката потенцираше дека успешно реализираната иницијатива „Денови на македонската култура во Корча“, во која учествуваа и Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Тирана и Министерството за култура, има големи придобивки во контекст на унапредувањето на културната соработка меѓу двете држави и изрази уверување дека оваа манифестација, со поддршка на округот Корча, ќе стане традиционална, бидејќи е убава можност за промоција на македонската култура и таа ги негува релациите со Македонците во Корча.
На средбата беше истакната и петнаесетгодишната соработката меѓу битолскиот Универзитет „Св. Климент Охридски“ и албанскиот Универзитет „Фан С. Ноли“, како и поддршката за промоција и афирмација на македонскиот јазик во Албанија, за што министерката Костадиновска-Стојчевска изрази верување дека иницијативата за изучување на македонскиот јазик на Универзитетот „Фан С. Ноли“ во Корча ќе наиде на уште поголем одзив кај младите и идни студенти.