Под слоганот „Приказна се чита“, од 18 до 24 април во Арената „Борис Трајковски“ во Скопје ќе се одржи годинашното издание на Саемот на книгата.
– Слоганот „Приказна се чита“ прави поврзаност меѓу опцијата за објавување „стори“ (eng. story = приказна) на социјалните мрежи со приказните кои ги бараме во литературата и кои се раскажани во нашите омилени книги. На тој начин, Саемот се обидува да испише една нова страница во постоењето, приближувајќи се до новата генерација и новиот стил на живот преку јазик и жаргон препознатлив за модерното време“, се вели во најавата за годинашното издание.
Организаторите сметаат дека внимателно избраната комуникација со носечката порака „Приказна се чита“ има цел да го привлече вниманието на помладата популација и да го „урне“ митот дека социјалните мрежи се користат исклучиво за негативни работи.
Според организаторите, како и во претходните години, практично сите издавачи и автори од Северна Македонија ќе ги претстават своите дела пред посетителите, а Саемот ќе биде дополнет и со повеќе издавачи од регионот, и тоа од: Србија, Турција, Албанија, Косово итн.
За време на саемските денови, посетителите ќе имаат можност да видат голема колекција нови и постари наслови, книги од домашни и од странски автори, како и уникатни печатени изданија. Организаторите најавуваат средби со автори, промоции и попусти, а ќе биде претставена и богата програма за деца и млади со која најмладите посетители ќе можат да уживаат во светот на книгите.
Покровител на најголемата книжевна манифестација во земјава, Саемот на книгата, е Министерството за култура.