Во Музејот на современата уметност – Скопје утре (1 март) во 20:00 часот ќе биде отворена самостојната изложба на светски познатиот уметник Јонас Стал – „Станица пропаганда“.
Од МСУ информираат дека холандскиот уметник, кој ќе биде специјален гостин на Музејот, е препознатлив по истражувањето на односот меѓу уметноста, пропагандата и демократијата, а неодамна ја доби и престижната награда за визуелни уметности „Prix de Rome“. Кураторка на изложбата е Ивана Васева.
− Еден од главните елементи што ја градат инсталацијата на Стал, специјално создадена за Музејот на современата уметност – Скопје, е видеостудијата „Пропаганден театар“ од 2023 година, преку која го сумира десетгодишното истражување за пропагандата – наведуваат од МСУ.
На 2 март со почеток во 12 часот, во соработка со кураторката, Стал организира Школа за пропаганда со наслов „Aнтиквизациска пропаганда. Од Скопје 2014 до Скопје – Eвропска престолнина на културата 2028“. Влезот ќе биде слободен.
Во 2021 година, Стал ја донираше на МСУ инсталацијата „Нови сојузи“ (New Unions 2016 – 2019), која беше дел од групната изложба „Сѐ што ни е заедничко“, а делото ќе може уште еднаш да се види на изложбата „Аквизиции – донации 2022 – 2023“, чиј куратор е Ива Димовски, која ќе биде отворена кон средината на оваа година.