Досегашната соработка во областа на културата меѓу Република Северна Македонија и Република Словачка беше главна тема на разговорот на денешната средба меѓу министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и словачкиот амбасадор во нашата земја, Хенрик Маркуш.
На средбата, министерката Костадиновска-Стојчевска и амбасадорот Маркуш се согласија дека меѓу двете земји постои солидно ниво на соработка во областа на културата, а беше разгледана и иницијативата за потпишување нов билатерален документ за соработка.
Соговорниците ја истакнаа добрата соработка во областа на литературата и издавачката дејност, а беше потенцирано и учеството на словачки поети на поетската манифестација „Струшки вечери на поезијата“. Како особено значајна беше истакната и успешната соработка во рамките на членството во меѓународната фондација „Форум на словенските култури“.
Министерката за култура Костадиновска-Стојчевска и амбасадорот Маркуш изразија очекување соработката во областа на културата и пријателските односи меѓу двете земји да се продлабочуваат со понагласена динамика во периодот што следува.