„Повеќе од зборови – Благоја Дрнков во етнолошката музејска архива“ е наречена завршната изложба што ќе биде отворена денеска (28 декември), во 13:00 часот, во Музејот на Република Северна Македонија.
Изложбата се реализира во чест на креативниот мајстор на фотографијата, фотографот и снимател Благоја Дрнков, кој со својата работа дал значаен придонес кон унапредувањето на музеологијата и етнологијата.
Како што информираат од Музејот на Северна Македонија, на изложбата ќе бидат презентирани 35 фотографии, коишто се значајни чувари на меморијата како сведоштво за иднината.
„Фотографиите на овој доајен на етнолошката фотодокументација, се од особен придонес за документирањето и презентирањето на нашето уметничко и културно наследство“, наведуваат од оваа национална установа.