Во Младинскиот културен центар е отворена изложбата „Атлас на македонската модерна архитектура“.
Оваа архитектонска изложба е резултат на едногодишниот истражувачки проект „Атлас на македонската модерна архитектура“ што го спроведе Здружението на граѓани за поддршка и промоција на културата „Континео 2020“ со финансиска поддршка од Министерството за култура на Република Северна Македонија.
Авторскиот тим на проектот го сочинуваат: Ана Ивановска-Дескова, Јован Ивановски, Владимир Десков, Теа Дамјановска и Михајло Стојановски.
Авторите појаснуваат дека основна цел на проектот е препознавање, документирање, проучување и вреднување на модернистичкото архитектонско наследство од втората половина на XX век на територијата на Република Македонија. Тој регистрира и мапира повеќе од 500 индивидуални архитектонски градби изградени во периодот 1945 – 1985 година, од кои над 100-тина се документирани, а повеќе од 40 избрани градби се претставени во форма на тродимензионални архитектонски модели.