Во Белград, на свеченото отвoрање на 31. издание на фестивалот „International Review of Composers“, беше изведена композицијата „даМар“ за соло виола и гудачки оркестар од македонската композиторка Дарија Андовска.
Селекторката и реномирана композиторка, проф. д-р Бранка Поповиќ, од над 370 композиции пристигнати на конкурсот за годинашното издание на Меѓународната трибина на композитори во Белград, Србија, ги избрала најдобрите и најинтересни 50 композиции од автори од: Србија, Северна Ирска, Црна Гора, Белгија, Јужна Кореја, САД, Италија, Хрватска, Аргентина, Португалија, Тајван и само една композиција од Северна Македонија – „даМар”.
На отворањето на фестивалот настапија и Саша Мирковиќ и Ансамблот „Метаморфозис“, добитници на наградата „Александар Павловиќ” од Сојузот на композиторите на Србија за особен придонес и афирмација на српската музика, кои оваа година на фестивалот „Пантопија“ во Берлин, Германија, ја изведоа композицијата „даМар” од Дарија Андовска како единствена македонска композиција на нивниот репертоар.
Дарија Андовска е редовен професор на Факултетот за музичка уметност, а од 1 октомври е и декан на Факултетот.