Во музичкиот дел на Фестивалот „Охридско лето“ вечер (26 јули) во 21 часот во црквата „Света Софија“ ќе се одржи „Вечер на ЕУ“, на која ќе настапи дуетот „Ди Прага“ од Чешка. Овој дует го сочинуваат: Леош Чепицки – виолина и Иван Вокач – виолончело. На програмата се дела од: Бах, Моцарт, Мартину, Глиер, Пјацола.
Леош Чепицки студирал виолина на Академијата за изведувачки уметности во Прага во класата на проф. Јиржи Новак, камерна музика со проф. Антонин Кохут, а за време на студиите е еден од основачите на познатиот квартет „Вихан“ чиј член е до денес.
Иван Вокач е еден од најистакнатите чешки виолончелисти на денешната генерација. Студирал на Конзерваториумот и на Академијата за применети уметности во Прага кај професор Мирослав Петраш. Тој е концерт-мајстор по виолончело при Чешката филхармонија од 2017 година и негува посебна страст кон џезот.