Со премиера на претставата „Орестија“, копродукција на НУЦК „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ и Националната опера и балет од Скопје, вечерва ( 3 август) на просторот на Теодосијанската палата во археолошкиот локалитет „Стоби“, во 21 часот, свечено ќе биде отворен 18. по ред Интернационален фестивал на античка драма „Стоби“.
Во рамки на фестивалот, на кој освен од земјава ќе настапат и театарски ансамбли од Австрија и од Босна и Херцеговина во копродукција со македонски театар, освен претстави ќе има и промоција на публикации од претставите и проекција на документарни филмови.
Како и досега, на фестивалот кој се реализира со финансиска поддршка од Министерството за култура и од Општина Велес, ќе бидат доделени наградите „Гран при“ за најдобра претстава, награда за најдобра женска и машка улога и за најдобра режија. Жирито на фестивалот го сочинуваат Васил Зафирчев, Роза Трајчевска и Кети Борисовска.
Поради пандемијата бројот на публиката на претставата во Стоби ќе биде 200 гледачи со почитување на мерките за заштита од Ковид-19, а во салата на велешкиот театар капацитетот ќе биде исполнет 30 проценти. Билети може да се резервираат и купат на билетарата на театарот. Организиран автобуски превоз како во изминатите години за Стоби годинава ќе нема.