Во рамките на „Штипско културно лето“, во Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип е отворена изложба на фотографии од трајната поставка на ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ – Прилеп со наслов „Стари прилепски занаети“, чии автори се Моника Талеска и Александар Десоски.
На промоцијата во Штип, прва надвор од градот, речиси две години по создавањето и финансиски поддржана од Министерството за култура, се презентирани и две други книжни поставки: избор на раритетна литература која е особеност на Библиотеката и избор на дела од богатата издавачка дејност на установата.
Изложбата на фотографии и книги е резултат на соработката со штипскиот Центар за култура воспоставена неодамна, за што директорите на двете установи, Моника Талеска и Горан Трајков, потпишаа и Меморандум за соработка.
Во втората половина од септември Центарот за култура од Штип ќе гостува со свои содржини во Прилеп.
Со овие активности Библиотеката од Прилеп ги чествува 75-годишниот јубилеј и 100-годишнината од раѓањето на својот патрон, Борка Талеска.