Фестивалот на Југоисточна Европа, СЕЕ ФФ 2021, што се одржува 11 години, од кои 6 во Берлин, од годинава имаше своја презентација и во главниот град на САД, Вашингтон. Фестивалот се организира во соработка со универзитетите: Еуропа Прима од Скопје, ИНАЛКО од Париз, Хумболд од Берлин, а од годинава кон оваа иницијатива се приклучија и Американски универзитет (American University) и Пламен прес од Вашингтон. Оваа година во официјалната конкуренција на играни филмови се избрани македонските филмови: „Ефектот на среќата“ од Борјан Зафировски и „ТМ“ од Мартин Иванов и Ивица Димитријевиќ.
Организаторот соопштува дека покрај покровителството од Министерството за култура на Република Франција, Министерството за култура на Црна Гора – со официјално писмо од министерката, проф. д-р Весна Братиќ, до претседателот на фестивалот, Јордан Плевнеш – објави дека ја продолжува традиционалната поддршка на фестивалот како еден од најважните промотори на културата на земјите од Југоисточна Европа во европските и во светските центри. Информираат дека овогодишната богата програма – исполнета со играни, документарни, кратки и анимирани филмови – предизвика голем интерес кај американската и европската публика.