Досегашната соработка во областа на културата меѓу Република Северна Македонија и Република Словачка беше главна тема на разговорот на денешната средба меѓу министерката за култура Ирена Стефоска и словачкиот амбасадор во нашата земја, Хенрик Маркуш.
На средбата, министерката Стефоска и амбасадорот Маркуш се согласија дека меѓу двете земји постои солидно ниво на соработка во областа на културата, а се разговараше и за конкретни активности за интензивирање на соработката во одредени области.
Министерката Стефоска ја истакна добрата соработка во областа на литературната дејност и редовното учество на словачки поети на поетската манифестација „Струшки вечери на поезијата“. Како особено значајна беше истакната и успешната соработка во рамките на членството во меѓународната фондација „Форум на словенските култури“, додека од заедничките активности, беше издвоено и одбележувањето на 24 Мај – Денот на словенските просветители Кирил и Методиј.
Соговорниците изразија очекување пријателските односи и соработката во областа на културата меѓу двете земји да продолжат да се засилуваат и да се продлабочуваат со уште понагласена динамика во периодот што следува.