„Кога сите дефиниции за театарот паѓаат во вода за време на криза, предизвик и културна обврска на секој поединец уметник е да повикува на повисок степен на одговорност, иновативност, креативност и истражување на нови модели и форми на театарско битисување сега и во иднина“, се вели во македонската порака на актерката од Турскиот театар, Сузан Акбелге, напишана по повод Светскиот ден на театарот – 27 Март.
Во пораката, Акбелге истакнува: „Денес на Светскиот ден на театарот, во време на голема криза, кога во изобилство го имаме само времето… Ве поканувам да сонуваме со очи ширум отворени, да ја разбудиме креативноста преку која постоиме“. На крајот од својата порака, таа ги поздравува театарските работници со зборовите на бардот на македонската драма, Горан Стефановски: „Ќе зборуваме или ќе работиме?“.
Британската театарска, филмска и телевизиска актерка Хелен Мирен, пак, е авторка на глобалната порака по повод Светскиот ден на театарот – 27 Март. Таа во својата порака изразува уверување дека театарскиот живот наскоро повторно ќе „процвета, со една нова енергија и нови разбирања на светов, кој сите ние го делиме“.
„Креативниот нагон на писателите, дизајнерите, танчарите, актерите, музичарите, режисерите, никогаш нема да биде потиснат, а во блиската иднина тој повторно ќе процвета, со една нова енергија и нови разбирања на светов, кој сите ние го делиме. Едвај чекам!’’, порача Хелен Мирен во традиционалната порака по повод Светскиот ден на театарот, чие одбележување е во организација на Меѓународниот театарски институт.
Изборот на автори за светската порака го организира Меѓународниот извршен одбор на мрежата на Интернационалниот театарски институт, УНЕСКО, Париз/Шангај, а изборот на авторот на домашната порака го организираат Програмскиот и Извршниот одбор на Македонскиот центар на ИТИ/ПРОДУКЦИЈА.