Од 24 до 26 март на онлајн платформата „Зум“ се одржуваат експертска мисија и работилница на Инструментот за техничка помош и размена на информации на Европската комисија – ТАИЕКС, посветени на измените и дополнувањата на Законот за авторското право и сродните права. Експертската мисија се одвива под водство на европскиот водечки експерт Михали Фичор, член на Унгарскиот совет за авторско право и претседавач на Алијансата за авторско право на Централна и Источна Европа во Унгарија.
На денешното отворање на мисијата се обрати и министерката за култура Ирена Стефоска, која информираше дека Министерството за култура го подготви Нацрт-законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права, соодветно усогласен со три европски директиви, со кој ќе се создадат услови за непречено остварување на авторското право и сродните права, особено во делот на колективното управување.
Стефоска додаде дека во процесот на подготовка на измените и дополнувањата на Законот, поддршка и детални насоки за текстот на Законот претходно дадоа и неколкумина еминентни домашни и европски експерти во своите извештаи, за што упати благодарност до Михали Фичор, чии насоки и издржани забелешки беа појдовна основа за подготовка на усогласувањето на Законот, особено со Директивата на ЕУ за колективно управување со авторското право и сродните права.
На крајот од своето обраќање, министерката за култура упати благодарност до Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија и до Секретаријатот за европски прашања при Владата, кои овозможија да се спроведе и да се одобри апликацијата на Министерството за култура за добивање експертска советодавна поддршка преку Инструментот за техничка помош и размена на информации на Европската комисија – ТАИЕКС.
Настанот, кој беше организиран со посредство на Секретаријатот за европски прашања при Владата на РСМ и во соработка со Министерството за култура, продолжува утре и задутре (25 и 26 март) со онлајн работилница, на која експертско видување ќе даде Михали Фичор од Унгарскиот совет за авторско право и претседавач на Алијансата за авторско право на Централна и Источна Европа во Унгарија, додека носителите на правата и корисниците ќе можат да поставуваат прашања и да дадат свои забелешки на темата.