Во Националната галерија (објект Чифте амам) утре (4 март) ќе биде отворена јубилејната изложба „Иван Велков, 90 години од раѓањето“. На изложбата ќе бидат претставени 90-тина дела од сите творечки фази на Иван Велков, а истите се дел од колекциите на Националната галерија, Музејот на современата уметност, Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Штип, НУЦК „Антон Панов“, Струмица, семејството Велкови како и наголем дел приватни сопственици.
Иван Велков (22.4.1930, Врање–26.5.2008, Скопје) спаѓа во рангот на еминетните македонски сликари, воедно и универзитетски професор, припадник на повоената генерација уметници, кој одигра особено значајна улога за развојот на македонското сликарство во 60-тите години на минатиот век. Иван Велков без двоумење се вбројува во редот на најзначајни македонски автори заради фактот дека со своето творештво внел сопствени иновации, но и дел од движењата од светската ликовна сцена кај нас. Изложбата ќе биде отворена до 30.3.2021 година.