Излезе од печат публикацијата „Цареви Кули-Струмица (Од праисторијата до Римското Царство)- Книга прва“, која е плод на истражувањата во последните петнаесет години на еден од најпрепознатливите белези на Струмица, арехеолошкиот локалитет Цареви Кули. Автор на монографијата е м-р Зоран Рујак, археолог, долгогодишен истражувач на овој локалитет.
Монографијата е напишана во научно-популарен стил и нуди мноштво нови и поттикнувачи сознанија за материјалната и духовната култура во различни временски епохи. Таа претставува сведоштво за градот Струмица и обид да се расветли неговото богато културно-историско минато.
Издавач е НУ „Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј, Струмица“, а публикувањето на монографијата е поддржано од страна на Министерството за култура. Во тек е подготовка и на втората книга „Цареви Кули-Струмица (Од Римското Царство до доцен среден век)“ во која ќе бидат обработени материјалните остатоци и духовната култура на локалитетот, почнувајќи од I век, па се до XX век.