Костадиновска-Стојчевска од Тирана: Историски ден за македонската култура и вреднување на нашето заштитено културно богатство

од admin_kult

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, на церемонија за свечено предавање на незаконски изнесените икони на македонската делегација, рече дека Владата високо го цени и го вреднува овој историски чин на враќање на дваесет икони кои им припаѓаат на македонските цркви и манастири.

– Во овој гест како израз на пријателство од страна на Владата на Република Албанија, премиерот Еди Рама и мојата колешка, министерката Елва Маргарити, не ја препознаваме само политичката порака за почитување на преземените обврски како држави. Многу повеќе ја препознаваме пораката за етичкиот и моралниот однос, како и вреднување на македонското заштитено културно богатство – изјави Костадиновска-Стојчевска.

Албанската министерка за култура, Елва Маргарити, посочи дека е ова свечен момент кој нѐ направи да се чувствуваме горди бидејќи, како што рече таа, овој чин нѐ става во авангардата за спроведување на меѓународните конвенции.

– Но, од друга страна, овој чин го отвора патот не само за враќање на другите предмети во нивните земји на потекло, ако сакате да имате претензии и ќе бидете идентификувани како такви, но од друга страна враќање и во Албанија на изгубени предмети, ограбени во нашите институции за културно наследство, музеи, паркови или култни објекти – додаде таа.

Во продолжение е интегрален текст од обраќањето на министерката за култура Костадиновска-Стојчевска:

Високо го цениме и со почит го вреднуваме денешниов, дозволете ми да го наречам, историски чин на враќање на дваесет икони кои им припаѓаат на македонските цркви и манастири.

Во овој гест како израз на пријателство од страна на Владата на Република Албанија, премиерот Еди Рама и мојата колешка, министерката Елва Маргарити, не ја  препознаваме само политичката порака за почитување на преземените обврски како држави. Многу повеќе ја препознаваме пораката за етичкиот и моралниот однос, како и вреднување на македонското заштитено културно богатство.

Тука, во Тирана, сакам да им се заблагодарам на албанските институции и служби кои ги запленија овие вредни дела, а крадците ги соочија со правдата. На стручните лица од областа на заштитата, и од наша и од албанска страна, им благодарам за професионалниот пристап, кој во голема мера придонесе за овој успешен епилог на десетгодишното патешествие на македонските икони.

Иконите ги очекува уште едно патување. Овој пат да се вратат онаму каде што припаѓаат и си тежат. Заедно си одиме дома!

Ви благодарам!

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе