На 17 декември 2020 година изминуваат пет децении од смртта на Параскеви Киријази (2.6.1880 – 17.12.1970), една од клучните фигури на албанското просветителство од крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век. Нејзината пионерска улога во образованието и еманципацијата на жените во рамките на тогашната Отоманска Империја може да се мери со подвизите на една Маријана Хајниш во Австрија, со една Анестина Бејер во Данска, или со една Марија Монтесори во Италија.
Од тие причини, УНЕСКО прифати 17 декември да го внесе во својот Календар на значајни јубилеи во светот во текот на оваа година.
Параскеви Киријази се родила на 2 јуни 1880 година, како последна ќерка на Димитри и Марија, и одраснала во семејната куќа во Битола, во која се зборувале најмалку пет јазици. Меѓу нејзините девет постари браќа и сестри, Герасим и Севасти се познати како основачи, во 1891 година, на првото женско училиште во Корча, во соседна Албанија. Тогаш Параскеви била на единаесетгодишна возраст. Но, штом се здобила со првата диплома, таа им се приклучила и го посветила животот на образованието на девојчињата во Албанија: како во училиштето во Корча така и во вечерните школи што ги организирала по селата, а подоцна и во „Женскиот педагошки институт Киријази”, што го основала во близина на Тирана со сестра ѝ Севасти и нејзиниот сопруг Кристо Дако, со цел да обучат што поголем број учителки.
„Параскеви се роди последна во семејството Кириjази”, пишува албанскиот лингвист Џеват Љоши, „но стана прва жена што напиша учебник на албански јазик, единствена жена што учествуваше на Битолскиот конгрес”, на кој е кодифицирана албанската азбука во ноември 1908 година, „прва жена со две дипломи”, од американскиот „Роберт колеџ“ во Истанбул, Турција, и од Оберлинскиот колеџ во Охајо, САД, „прва уредничка на списание, прва делегатка на меѓународна конференција”, односно Париската мировна конференција, во 1919 година.
Долга е листата на првите улоги што ги одиграла Параскеви Киријази, оваа блиска пријателка на познатата американска мисионерка Мис Стон, на сцената на образованието на албанските жени, како и во албанското национално движење за независност од Отоманската Империја.
Нејзината решителност не ја поколебале ниту тешките услови за работа, ниту политичките притисоци, ниту двете балкански војни, ниту двете светски војни, дури ни концентрациониoт логор во Бањица, Србија, каде што била депортирана во 1943 година, со сестра ѝ Севасти и со други членови од поширокото семејство, поради нивната антифашистичка дејност.
Списанието што го уредувала во младоста, како и женското здружение во кое членувала како еден од неговите основачи, го носеле истото име: Утринска ѕвезда – име што прекрасно ѝ прилега на оваа жена со светол ум, чиј придонес е неизмерлив за еманципацијата на албанскиот народ.
Ако постои пример што достојно ја илустрира изреката на францускиот историчар Жил Мишле, дека „секоја жена е училиште”, тогаш тоа е примерот на Параскеви Кириjази.
Ирена Стефоска, министерка за култура
Погледнете го видеото „Во чест на Параскеви Кириjази” ЛИНК