„Димче Коцо (1910-2020), јубилеј по повод 110 години од раѓањето“ е насловена изложбата, која во организација на Националната галерија на Македонија беше отворена синоќа во прекрасниот амбиент на Чифте амам.
Министерката за култура Ирена Стефоска на отворањето на изложбата истакна дека изложбата на дела на еден од најзначајните автори во историјата на модерното македонско сликарство, ликовен критичар и истражувач Димче Коцо се впишани во историјата на уметноста на нашата, но и на европската култура.
-Изложбите со ваков габарит во исто време се патоказ каде треба да продолжиме – со иста страст и посветеност како што тоа и го правеа младите уметници и научници по Втората светска војна, во изградбата на модерната македонска држава, порача министерката за култура.
Стефоска додаде дека изложбата ја доживува и како глас на опомена.
„Привилегирани сме, но во исто време сме и одговорни да го чуваме и да негуваме културното наследство кое е наше, но кое е придобивка и за целиот свет“, посочи министерката за култура.
„Димче Коцо има огромно значење и одиграл важна улогата во развојот на научната мисла, и во афирмацијата на ликовната уметност. Оваа јубилејна изложба има за цел токму да потсети на неговиот богат и разновиден, тематски и стилски опус, разоткривајќи го повторно пред стручната јавност, но и пошироката публика неговото обемно ликовно творештво“, рече директорката Старова-Ќерими.
Куратори на изложбата која содржи таписерии, слики, скулптури и цртежи од сите фази на безвременото творештво на Димче Коцо се Славица Алексоска, Маја Неделкоска-Брзанова и Маја Чанкуловска–Михајловска. Изложбата ќе биде отворена до крајот на летото.
Интегралниот говор на Министерката Стефоска