Од 16 до 18 декември во регионалниот центар за современи уметности „Топлоцентрала“ во Софија, Бугарија, ќе се одржи Фестивалот на авторски театар – ФАТ, кој е во организација на Здружението „Творци“.
Од Република Северна Македонија, на овој реномиран фестивал ќе се претстави „Театар Пи“ со театарска претстава и документарен филм. На 17 декември ќе биде изведена претставата „Ништо не е страшно“, додека, пак, на 18 декември ќе биде прикажан документарниот филм „Прозорците што се смеат“.
Претставата „Ништо не е страшно“, која ќе биде претставена пред бугарската јавност, ја доби наградата „Васил Ќортошев“ – Гран при за најдобра претстава на 59. Драмски аматерски фестивал (ДАФ) во Кочани. Оваа претстава ја доби и наградата за истражување нови сценски изразни средства и експеримент во аматерскиот театар.
Центарот за изведувачки уметности и едукација „Театар Пи“ е независен театар кој, меѓу другото, развива самостојна театарска продукција реализирана низ експериментални методи (работилници, театарски лаборатории).