Претставници на Министерството за култура и на НУ Конзерваторски центар – Гостивар вчера ја посетија Старата џамија во гостиварското село Равен, значаен споменик на културата од 19 век, каде што веќе неколку години се реализира проектот за нејзина конзервација, реставрација и реконструкција.
Станува збор за повеќегодишен проект кој во континуитет е поддржан од Министерството за култура.
– Во согласност со проектот за конзервација, реставрација и реконструкција на Старата џамија кој се одвива во повеќе фази, почнувајќи од 2019 година досега, со преземените конзерваторско-реставраторски работи, зацврстени се темелните партии, направено е инјектирање и консолидација на ѕидовите и препокривање на џамијата, а во рамките на третата фаза од проектот е предвидена санација на фасадите и на столаријата на објектот – рече Афед Јашари од Кабинетот на министерката за култура одговорен за заштита на културно наследство.
Тој додаде дека за 2022 година, Министерството за култура одобри 11 проекти на Конзерваторскиот центар, меѓу кои: археолошки ископувања во три тврдини во периферијата на Гостивар; валоризација на Вруток; одржување на стари објекти кои се под заштита како културно наследство, меѓу кои и: Медресето, Саат-кулата и портата на комплексот Саат-џамија; реставрација на некои делови од Беговата куќа; обработка на фреските и на иконите во црквата „Свети Димитрија“ и други.
– Со поддршка од Министерството за култура, во изминатите 5 години презедовме конкретни чекори за реализација на етапите за реставрација на Старата џамија во Равен. Сигурна сум дека до крајот на 2023 година, според оперативниот програмски план на Конзерваторскиот центар – Гостивар, Старата џамија ќе биде целосно обновена и ќе блесне со својот автентичен изглед – рече в. д. директорката на Конзерваторскиот центар, Хирије Саити.
Таа додаде дека мисијата на Конзерваторскиот центар во Гостивар е да ги зачува малиот број објекти кои се значајно културно наследство, вклучувајќи ги: Беговата куќа, комплексот на Саат-џамијата, старите џамии и цркви, старата селска архитектура, недопрените археолошки локалитети, старите тврдини на многу локации во Гостивар.