Почнува 20. Интернационален театарски фестивал „Актерот на Европа“

од admin_kult

Со ретроспектива на досегашните добитници на наградата за животно дело „Актер на Европа“, денеска од 21 часот пред Сарајот во Ресен ќе почне 20. Интернационален театарски фестивал „Актерот на Европа“. Оваа година наградата за животно дело ја добива Младен Нелевиќ од Црна Гора, за кого ќе биде прикажан уметнички портрет со сите негови театарски и филмски креации.

Посебен омаж на јубилејот ќе биде организиран за Питер Брук, чијшто актер Брус Мејерс пред неколку години ја понесе оваа награда за животно дело и притоа ја изведе претставата „Големиот инквизитор“, според романот на Достоевски.

Признанијата „Клучевите на Преспа“ ќе ги добијат Методија Јоновски и Гоце Ристовски, македонски автори и публицисти кои објавиле и посветиле посебни истражувања за Преспа.

Традиционалната Голема повелба „Балканот – срцето на Европа“ оваа година им е доделена на грчкиот новинар Христос Матис и на косовскиот драмски автор Хаќиф Мулиќи.

По церемонијата на отворањето ќе настапи Васили Лаерти, актер на народните театри од Атина и од Тирана, со „Агамемнон“ од Есхил.

Во официјалната конкуренција на Фестивалот оваа година се селектирани: „Поетската вечност на Иго и Бодлер“ од Франција; „Четири еполети“ од Хаќиф Мулиќи од Косово; „Синиот портокал“ од Џо Пенхол од Велика Британија, во изведба на Центарот за култура „Јордан Х. К.-Џинот“ од Велес; „Пеликанот“ од Аугуст Стриндберг од Шведска, во режија на Теодора Силјаноска; и „Кармен“  од Мигел Делибес, по мотив од романот „Пет часа со Марио“, во изведба на Драмскиот театар Скопје и режија на Дејан Пројковски.

Дваесеттиот фестивал „Актерот на Европа“ свечено ќе биде затворен на 11 јули.  

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе