Во Националната галерија во Прага вчера пред многубројна публика беше отворена изложбата „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ Скопје“.
Интернационални уметници и куратори, културни работници, љубители на уметноста кои работат и живеат во Прага, но и посетители кои специјално допатуваа за овој настан, имаа можност да ги видат делата од уникатната колекција на Музејот на современата уметност.
Од Музејот на современата уметност информираат дека е ова уште еден триумф и додаваат дека изложбата, која првично беше отворена минатата година во престижниот простор „Кунстхале“ во Виена, за девет месеци ја видоа над 75 000 посетители.
„Изложбата е збир емоции, секој дел од неа раскажува различни наративи, обединети под поимот солидарност“, се дел од коментарите на посетителите, особено на Македонците што живеат во Прага, кои реагираа емотивно, чувствувајќи се горди на Музејот на современата уметност и на нашата земја, велат од МСУ.
Инаку, од вкупната уметничка колекција на МСУ, која има над 5300 дела, во Виена беа изложени 94, како и 50 дела од современи уметници вклучени во овој проект. Врз истиот концепт е заснована и изложбата во чешката Национална галерија каде што се додадени уште 54 дела од НГП, која му донираше на МСУ дванаесет дела од класичниот модернизам.
Солидарната колекцијa се врти околу две перспективи. Првата е фокусирана на уникатната збирка на МСУ – Скопје. Втората перспектива е онаа на современите уметници што беа поканети од кураторскиот колектив „What, How & for Whom“, кои го креираа концептот на поставката: Сабина Саболовиќ (директорка на „Кунстхале“ Виена), Наташа Илиќ и Ивет Ќурлин.
Покрај нив, беше поканета и светски познатата фотографка Елфи Семотан (Виена), која направи фотографии од градскиот пејзаж на Скопје и МСУ, а писателката Барби Марковиќ (Виена) напиша патопис за нејзиното искуство од соочувањето со сложените и слоевити истории на Скопје.
Од МСУ, вклучени во подготовките на изложбата се: Благоја Варошанец, координатор на проектот и консултант во истражувањата, Владимир Јанчевски, консултант и автор на дел од текстовите за уметниците, и конзерваторите Љупчо Иљовски и Јадранка Милчовска.
Изложбата во Националната галерија на Прага ќе биде отворена шест месеци, а е еден од најкомплексните патувачки проекти на МСУ – Скопје во кој учествува и Музејот на Град Скопје.