Министерството за култура, по реакцијата на СКРМ, а по повод интервјуто на министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска во емисијата „10 минути“ на ТВ21, ја информира јавноста дека министерката Костадиновска-Стојчевска ја почитува законската обврска што произлегува од Колективниот договор, и платите на вработените во институциите се исплаќаат онака како што се уредени со Договорот.
Потсетуваме дека тој Колективен договор е потпишан со негативно мислење од Министерството за финансии. И покрај тоа, Министерството за култура ги исплаќа платите во ресорот, усогласени со минималната плата.
Министерството за култура ги упатува членовите на СКРМ, пред да реагираат, да ја гледаат уште еднаш емисијата во која министерката Костадиновска-Стојчевска истакнува дека културата е за сите и се издигнува над другите гранки, и затоа очекува солидарност од сите чинители, како од вработените така и од субјектите од независната сцена, во време на енергетска и економска криза.
Министерството за култура е должно да обезбеди еднакви услови за творење на сите чинители во културата, како и за обезбедување услови за остварување на творештвото. Тоа подразбира еднаквост на правата вклучувајќи ги националните установи, другите корисници и вработените во Министерството. Со кратењето на средствата заради обезбедување плати на вработените, се создава дисбаланс во однос на средствата за егзистенција на другите корисници, што Министерството за култура е должно да го исправи.
Министерката за култура, Костадиновска-Стојчевска, во многу наврати истакнува дека вработените во установите по долги години успеале да ги остварат своите права преку Колективниот договор, кој е над законот.
Министерката за култура, Костадиновска-Стојчевска, посочува дека и во време на кризи, вработените ги остваруваат своите права и покрај заложбата на Министерството за пролонгирање на исплатата на средствата од 1 септември 2022 година, што беше одбиено, поради што упатува на што помалку сензационализам во нивните реакции.
Со оглед на тоа што Колективниот договор е истечен и е формирана работна група која ќе работи на новиот Колективен договор, министерката за култура, Костадиновска-Стојчевска, изразува уверување дека дијалогот меѓу Министерството за култура и синдикатите ќе продолжи во конструктивна атмосфера за унапредување на работничките права во културата.