Информативна сесија за програмата „Креативна Европа“ – потпрограма Култура се одржа денеска во Музејот на македонската борба во Скопје, на која заинтересираните можеа да слушнат нешто повеќе околу тековните повици.
Програмата ја спроведува Министерството за култура и е наменета за културните и креативните сектори.
За време на сесијата, Билјана Прентоска од Министерството за култура, Одделение за Креативна Европа на ЕУ – потпрограма Култура, ги презентираше повиците за категориите „Проекти за соработка“ и „Циркулација на европски книжевни дела“ за оваа година.
– Целата програма ја спроведува Министерството за култура преку Одделението за „Креативна Европа“ – потпрограма Култура. Културните и креативните сектори опфаќаат голем број сектори, дисциплини и организации. Може да бидат владини, невладини, локални или образовни установи, приватни организации или приватни бизниси, кои дејствуваат во креативните и културните сектори – изјави Прентоска пред почетокот на информативната сесија.
Таа напомна дека дијапазонот на апликантите е навистина многу широк, дури, како што рече, не мора да се специфицирани конкретно за културните и креативните сектори. Но, доколку можат со својата активност да дадат придонес во овој сектор, добредојдени се да аплицираат.
Програмата „Креативна Европа“ – потпрограма Култура е за следниот седумгодишен циклус, односно завршува во 2027 година. Краен рок на поднесување на апликациите е 23 февруари.
– Втората категорија е за „Циркулација на европски книжевни дела“, по претходната програма од нашиот издавачки сектор, затоа што тие беа потенцијалните апликанти, и позната беше како категорија за литературни и книжевни преводи. Новата програма има нови финеси, нови приоритети, нов начин на поднесување на електронската апликација – додаде Прентоска.
На денешната сесија, меѓу другото, и Здружението за мултиетничко музичко образование „Рома рок скул“ – Скопје го претстави проектот „Музиката поврзува: Рок-музиката поттикнува инклузија низ Европа“, а своите проекти ги претставија и двата културни оператора „Бата пресс милениум“ и Друштвото за издавачка дејност „Сказнувалка“.
Серијата информативни сесии продолжува уште во четири градови – на 25 јануари во Велес, на 26 јануари во Tетово и во Гостивар, а на 27 јануари ќе биде организиран информативен настан во Штип.
Организатор на информативните сесии е Министерството за култура, Одделение за Креативна Европа на ЕУ – потпрограма Култура, во соработка со Музејот на македонската борба, Театарот „Јордан Х. К. Џинот“ во Велес, Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ во Тетово, Центарот за култура „АСНОМ“ во Гостивар и Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип, како и корисниците на програмата „Креативна Европа – потпрограма Култура“ – Здружението за мултиетничко музичко образование „Рома рок скул“, „Бата прес милениум“ Д.О.О. и Друштвото за издавачка дејност „Сказнувалка“ од Скопје.