Жени во Собрание“ во Театар Комедија на 27 и 28 јануари

од admin_kult

Претставата „Жени во Собрание“ е првата на репертоарот на Театар Комедија за оваа година и ќе биде изведена на 27 и 28 јануари, како и на 1 и 2 февруари. Станува збор за  комедија работена според истоимениот текст на античкиот комедиограф Аристофан, во режија на Ќендрим Ријани.

На 4 февруари ќе биде изведена комедијата „Женска гардероба“, која е работена по текстот на чешкиот автор Арношт Голдфлам, а во режија на Наташа Поплавска. Претставата е направена од сопствени средства на Театар Комедија, но и со финансиска помош на Амбасадата на Чешка во земјава и од стопански субјект од оваа европска држава.

– „Женска гардероба“ е современа комедија која ни го открива и ни го покажува она што публиката најчесто не може да го види – животот на актерите зад сцена. Станува збор за пиеса која ни ги раскажува приказните на четири актерки на различна возраст, кои сакаат различни нешта, но она што ги спојува и ги врзува се гардеробата и театарот со сета негова магија и страст, соопштија од Театар Комедија.

На 10 февруари, пак, ќе биде изведена претставата „Илуминати“, работена според култниот филм на Алфред Хичкок „39 скали“, во режија на Синиша Евтимов. Театар Комедија и оваа претстава ја направи од сопствени средства во изминатава година.

– Жанровски претставата е уникатен спој на трилер, акција и комедија, со елементи на ноар и со филмски јазик. Приказната се одвива околу главниот херој, Кирил Балкан, што го толкува актерот Тино Костадиновски. Тој заедно со плејадата споредни ликови, вешто интерпретирани само од тројцата актери Наталија Теодосиева, Сергеј Димовски и Атанас Атанасовски, нè води низ својата животна приказна со несекојдневни патешествија, се вели во најавата за овој театарски чин.

Инаку, според директорот на Театар Комедија, Дарко Спасов, новата година театарот ја почнува со повеќе технички освежувања кои се од корист за продукцијата на претставите, но и за публиката, со посебен фокус на лицата со попреченост.

– Со обновена креативна енергија на ансамблот и со подобрени услови за работа, в петок на 27 јануари, Театар Комедија ќе ја крене завесата за претставите што ќе бидат изведени во вториот дел од сезоната 2022/2023 година. Со инвестиции од Министерството за култура, набавена е нова светлосна миксета, сервисирани се чигите, поставени се нови антипаник-врати. Обновен е и тоалетот за посетителите, вклучително со нов санитарен јазол за лицата со попреченост, потенцираше Спасов.

Тој информираше дека Театар Комедија минатата годината го посетија вкупно 20.000 гледачи, а се прават напори годинава оваа бројка да се зголеми барем двојно.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе