Со проекција на италијанскиот филм „Стаклено момче“, вечер во киното „Фросина“ при Младинскиот културен центар започнува Филмскиот фестивал за деца „Џифони Македонија“.
Фестивалот, кој ќе трае до 12 октомври, ќе се реализира во просториите на Кинотеката и на Младинскиот културен центар во Скопје. Во рамките на Фестивалот, основците и средношколците по деветти пат ќе имаат можност да учествуваат на разни филмски проекции, дискусии и креативни работилници.
Годинава учеството на Фестивалот делумно ќе се одвива со физичко присуство, а делумно онлајн. Физички ќе присуствуваат околу 180 ученици од основни и од средни училишта од Скопје. Учениците од странство, пак, ќе се приклучат преку видеоврска.
Сите групи ученици ќе бидат вклучени во работилници од нивен интерес – за танц, театар, музика, ликовна, новинарска работилница, како и за програмирање со Скреч (Scratch).
Најактивните џифонци ќе добијат награда да патуваат во Џифони на италијанското издание на Фестивалот во 2022.
Директорот на Фестивалот, Дарко Башески, на прес-конференција посочи дека на програмата ќе има 17 играни филмови, 28 кратки филмови во официјалната селекција, и програмата ќе се одвива секој ден – проекција, па дискусија, па работилници. Тој напомна дека младите од другите градови ќе може да се приклучат онлајн на Фестивалот.
Фестивалот ќе биде затворен на 12 октомври со доделување награди, а традиционално ќе биде прикажано сработеното.
„Џифони Македонија“ се реализира со поддршка од македонската Агенција за филм и Министерството за култура, Град Скопје, партнерот од Италија – „Џифони експириенс“ и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.