НУ Национална опера и балет информира дека почина примабалерината Натка Пенушлиска-Митровска (1934 – 2022 година). Балетското образование го стекнала во Средното балетско училиште во Скопје, во класата на Ѓ. Македонски и Н. Кирсанова, а потоа се доедуцирала кај познати педагози во Париз.
– Исклучително надарена, Пенушлиска ја започнува балетската кариера на 14-годишна возраст играјќи ја главната улога на Марија во „Бахчисарајска фонтана“, првиот целовечерен балет поставен на сцената на МНТ. Ги игра сите главни улоги од програмата на балетскиот ансамбл. Примабалерина со извонредно чиста и прецизна класична техника, виртуозност и експресивна емотивност при креирањето на улогите. Пенушлиска е синоним за балетската уметност во Македонија. На Југословенското балетско биенале во Љубљана (1960) е прогласена за најдобра класична балерина. Управува со Балетот при МНТ од 1967 до 1968 година – информираат од Националната опера и балет.