Полските уметници Артур Жмијевски и Павел Алтхамер ќе бидат ексклузивни гости на Музејот на современата уметност во Скопје. Од 1 до 14 јули, тие ќе творат во самиот музеј, а потоа ќе му подарат дел од делата. Куратор на проектот е Владимир Јанчевски.
Проектот „Отворено студио“ ќе се одвива во еден од галериските простори на МСУ секој ден од 14 часот до после полноќ, при што посетителите ќе имаат можност да посведочат на процесот на работа на Жмијевски и Алтхамер. Тие се меѓу најзначајните претставници на таканаречената критичка уметност, заснована на критичка обработка на актуелните теми од јавниот живот.
Во текот на овие две недели, уметниците ќе создадат 30-ина слики на картон и колажи од стари книги, мапи, карти, постери… На 14 јули ќе се отвори нивната изложба „Полска школа на колаж“, која ќе биде поставена до 25 август.