Петтото издание на фестивалот „Крај Вардарот џез“ ќе се одржи од 20 до 27 април. Програмата се состои од 3 вечери и 5 концертни настапи што ќе се реализираат во Филхармонијата и во едукативниот културен центар „Лабораториум“.
На отворањето на 20 април, во „Лабораториум“ во 21:00 часот ќе настапат „Cobalt Code Unit“. На 23 април, пак, во Филхармонијата во 20:00 часот публиката ќе може да го проследи музичко-поетскиот проект „Мирисот на липите“ на Дуња Иванова на пијано и Тина Иванова како автор на текст и наратор на приказна. Веднаш потоа, во 21:00 часот, следува концерт на биг бендот под диригентската палка на Љупчо Мирковски со музика на еден од стожерите на современата џез-композиција – Кире Костов.
Вечерта на 27 април во „Лабораториум“, во 21:00 часот публиката ќе може да го проследи концертот на „Macedonian Free Society“, а во 22:00 часот ќе започне настапот на „Поетроника“.
Годинашното издание на фестивалот „Крај Вардарот џез“ ќе се одржи во чест на Мирко Попов, кој заедно со Владан Дробицки е идеен творец на фестивалот.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и се реализира во соработка со Националната филхармонија и „Лабораториум“.