#ПетокМиЕ е нова едиција стикери на македонски јазик што од денеска е официјално достапна на социјалната мрежа Инстаграм.
Првата едиција стикери на македонски јазик е авторски проект на Ико Илиевски и Димитар Караташев, дел од јавниот конкурс „Цртај на македонски јазик“ 2022, објавен од Министерството за култура.
Креаторите имаат создадено 13 стикери кои може да се најдат под рубриката GIF, со впишување клучни зборови, како: петок, petok, петокмие, petokmie. Стикерите се фрази, зборови кои се дел од разговорниот јазик на помладите генерации. Тие може да се слушнат при нивните разговори на кафе или пијачка, во читалница, во аулата на факултет, во парк, во маало или слично.
„Дојди во маало“, „Штеди, криза е“, „Верувај во себе“, „Ај на клупи“, „Седни учи“, „Тотално зелени“, „Испитна ми е“, „Не се сите исти“, „Лето е“ се дел од првата група стикери кои имаат цел да ги поттикнат младите на социјализација, учење и реализирање на нивните обврски, кон себе си и кон заедницата во која живеат.
Втората група стикери се однесува на моментите на дружење, дочекување на викендот, како период кога одмораме, имаме повеќе време за себе и за луѓето што ги сакаме. И тука може да се користат стикерите како: „Петок ми е“, „Живеам за викенд“ и „Сите сме луди“.
– Основната цел е младите, но и сите граѓани, повеќе да го користат македонскиот јазик на социјалните мрежи. Дигиталните медиуми и алатки, социјалните мрежи го променија начинот на комуникација. Со тоа, треба и ние да се адаптираме на промените и македонскиот јазик уште повеќе да го доближиме до младите луѓе – велат авторите.
Заштитата и афирмацијата на јазикот треба да биде од секој аспект, вклучително и во контекстот во кој се однесуваат и изразуваат новите генерации.
Овие стикери за социјални мрежи произлегуваат од она што младите навистина го зборуваат меѓу себе. Повикуваат на акција, одговорност, но содржат и моменти на хумор и фрази што ги користат во секојдневната неформална комуникација.