„Свинг“ е насловот на концертот на оркестарот на „Фејм’с институт“ што ќе се одржи на 10 февруари (сабота) во 20:00 часот во камерната сала на Филхармонијата. Диригент е Тимоти Редмонд од Англија, а како солист ќе настапи англискиот пејач Хари Апс.
На програмата се дела од Елингтон, Паркер, Синатра.
Концертот „Свинг“ произлезе од работата на еднонеделниот оркестарски курс за хибридни музички форми, прв од годинашната серија семинари што се одржуваат во студиото на „Фејм’с“ (Fame’s) и се наменети за млади музичари и студенти од Европа.
Европскиот оркестарски изведувачки институт „Фејм’с“ (Fame’s) претставува музички образовен центар којшто е создаден во рамките на компанијата „Фејм’с“ (Fame’s), која се занимава со професионално снимање и продукција на музика. Организиран во Скопје, центарот претставува уникатна платформа за професионална музичка едукација, размена на искуства и креативност, наменет за млади талентирани инструменталисти од Европа и, пред сѐ, на полето на оркестарската музика, како дел од програмата за Паневропски културни ентитети.
Програмата на Институтот е фокусирана на креирање можности за младите таленти и обезбедува едукација во разновидни оркестарски практики, истражувајќи нови стилови, збогатувајќи го репертоарот со нови композиции итн. Оваа програма овозможува високо професионално ниво на обука, практика, менторство и изведби преку новите методологии и технологии што се овозможени во студиото на „Фејм’с“ (Fame’s).
Креирајќи професионална и оригинална оркестарска и музичка содржина, преку различни дигитални платформи, проектот се стреми и кон развој на нова публика, пренесувајќи ги искуствата и културниот диверзитет на европското музичко наследство.