Најновото, 43-то издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ ќе се одржува од 20 до 27 август во Битола.
Според директорот на Фестивалот „Браќа Манаки“, Симеон Мони Дамeвски, годинава на Фестивалот, кој ќе трае осум дена (од 20 до 27 август) и кој дефинитивно и конечно е битолски, ќе бидат прикажани и 12 филмови кои ќе се натпреваруваат во кратката програма. Се враќа и документарната програма, како и студентските филмови и програмата мак-корнер. На Фестивалот ќе присуствуваат и гости од светски филмски академии.
Дамевски додаде дека годинава добитник на наградата на Фестивалот е мајсторот на филмска фотографија, пионер на дигиталната камера и прв оскаровец за филм снимен со дигитална камера, снимателот Ентони Дод Ментл, кој ќе дојде во Битола за да ја прими наградата.
Селектор на долгометражната натпреварувачка програма е Слаѓан Пенев, на документарната програма е Кумјана Новакова, на кратката програма е Марија Апчевска, додека селектор на студентската програма „Први чекори“ е Ѓорѓи Пулевски.