Музејот на современата уметност викендов, на 11 февруари, одбележува 60 години од основањето. Со цел одбележување на јубилејот и како најава за програмските активности во јубилејната 2024 година, Музејот организира дневен настан – матине – на 10 февруари (сабота) со почеток во 12 часот. По тој повод, по 35 години ќе биде изложено делото „Доблест во нужност“ од познатиот италијански уметник Џанфранко Барукело (1924 – 2023).
Делото на Барукело што ќе биде претставено пред јавноста е една од најрепрезентативните донации на Музејот по катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година. Тоа е конзервирано од стручниот тим на МСУ.
На одбележувањето на јубилејот ќе биде претставен и новиот број на списанието за современа уметност, култура и теорија „Големото стакло“ бр. 35/36 (2023), насочено кон актуелните дебати во критичката музеологија.
По формалното отворање, ќе има тура низ тековните поставки со кустосот водич Бојана Јанева.