На 34. Саем на книгата, Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) по шести пат ги додели своите награди. Здружението им оддаде признание на најголемите издавачки дострели за 2022 година, односно за периодот меѓу ланскиот и тековниот саем.
Првата награда во категоријата „најдобра едиција“ комисијата ја додели на „Целокупното творештво за возрасни на Оливера Николова“ во издание на „Арс ламина“. Едицијата е составена од 10 тома во кои се сместени 12 наслови за возрасни.
За „најдобро ликовно-графички уредено издание“ е наградена книгата „Бамбино“ со приказна и текст на Ника Гавровска и дизајн на Никола Радуловиќ, а во издание на „Гаврош“.
Најдобра книга за деца е книгата „Пет приказни од целиот свет“, раскажани од Живко Гроздановски.
За „автор на годината“ е прогласен Владимир Јанковски, кој е годинашен македонски кандидат за Наградата за литература на Европската Унија за романот „Скриени желби, немирни патувања“. Книгата на Јанковски беше и македонски кандидат за наградата „Балканика“.
За „најкреативно издание“ е избрана фотокнигата „Во главата пишувам расказ“ од Елизабета Баковска и Сашо Димоски, додека проектот „Сликовницата на Халки“ доби „признание за поттикнување на општествена одговорност“.
Специјалното признание за „промотор на годината“, пак, му припадна на фестивалот „Букстар“.