Костадиновска-Стојчевска: Ги негуваме визиите на Делчев кој е синоним за културен натпревар меѓу народите и слободна македонска држава

од admin_kult

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, како член на владината делегација заедно со првиот заменик на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ и со Беким Реџепи, заменик-министер за транспорт, положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“.

– „Непрекинато да работиш за културното издигање и ослободувањето на македонскиот народ“ и да го гледаш „светот како поле за културен натпревар меѓу народите“ се визиите на Гоце Делчев што сите ние ги делиме и ден-денеска – напиша министерката Костадиновска-Стојчевска на својот фејсбук-профил по повод 152-годишнината од раѓањето на великанот чие име го сметаме за синоним на народната борба за слобода.

Таа додава дека Делчев, како учител и организатор на Македонската револуционерна организација, го исполнил долгот кон својот народ и останува најсветла личност во колективната меморија на генерациите до ден-денес, и поради неговата мудрост и поради високите морални карактеристики.

– Историјата е сведок дека Гоце Делчев стапува на политичкиот балкански мегдан токму кога неговиот народ, народот на Македонија, непоколебливо носи одлука да ја покаже и да ја употреби својата национална зрелост пред Европа и пред светот. Тој е еден од најсилните поттикнувачи на вековниот стремеж за македонска држава во која сите ќе уживаат човекови права и социјална правда – напиша Костадиновска-Стојчевска.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе