Костадиновска-Стојчевска: Со Законот за употребата на македонскиот јазик ја унапредуваме неговата примена и го чуваме како уставна категорија

од admin_kult

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, во интервју за телевизијата „Тера“, рече дека е особено горда што донесувањето на новиот Закон за употребата на македонскиот јазик се одвиваше во атмосфера на широка дебата и голема заинтересираност од сите засегнати страни.

– Зборуваме за македонскиот јазик како културно наследство дефинирано со Уставот. Навистина сум многу горда што го изработивме Законот за употребата на македонскиот јазик. Од 1998 година ние немавме такви јасни одредби, тоа законско решение беше застарено и имајќи предвид дека е јазикот жива материја, не можеме да останеме на Законот којшто безмалку ќе наполнеше дваесет и кусур години старост – рече Костадиновска-Стојчевска.

Разговарајќи за текот и процесот на донесување на овој закон, министерката за култура додаде дека на самата пленарна седница, пратеничката Гордана Силјановска-Давкова позитивно ги оцени текот на донесувањето на Законот и самата дискусија на дебатата.

– Заедно седнавме со целата Комисија за култура во Собранието и се договоривме дека е ова национален интерес, натпартиски, се разбира, и дека мора да бидеме конструктивни – рече Костадиновска-Стојчевска.

Министерката за култура нагласи дека и јавната дебата за Предлог-законот, којашто се одржа во Националната и универзитетска библиотеката во Скопје, и сите други консултации што се одвиваа на ниво на пратеници и Министерство, како што рече, беа на многу високо академско ниво.

– Ги послушавме барањата од стручната јавност, но и од Стопанската комора и од Народната банка, и токму затоа имаме едно убаво законско решение. Сето она што беше пречка до 2020 година, со овој закон е надминато, и токму затоа беа и пофалните зборови – рече Костадиновска-Стојчевска и потсети дека Законот за употребата на македонскиот јазик во Собранието беше донесен со високо мнозинство од 96 гласа „за“.Со Законот, меѓу другото, се предвидува задолжително лекторирање на сите документи што излегуваат од институциите, задолжително вработување лектор во секоја институција, поголеми казни за прекршување на одредбите од овој закон.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе